„Како да зборувам за Европа сега, кога ние денеска сме уценувани да прифатиме, ако е ова точно, да прифатиме да се асимилираме и бугаризираме, односно да ги асимилираме нашите предци, дедовци, баби, ако сакаме да бидеме дел од ЕУ. Или тоа за нас преставува невозможна мисија“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, говорејќи за предлогот на Франција.
„Нема што да се разговара. Ако е таков предлогот, какво прифаќање. Ова со предлогот е нокаут за македонската дипломатија. Повторно ќе кажам. Ако е така, што прави дипломатијата освен што троши народни пари и што полни авиони за да се шетаат на грбот на народните пари по светот како придружба на министерот. Што прави нашата дипломатија ако била изненадена од ова“, запраша Мицкоски.
„Ако е ова предлогот, таква иднина јас не сакам. Не сакам да ме асимилираат ниту мене, ниту моите два сина“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека, францускиот предлог или прифаќањето на сите бугарски предлози во преговарачката рамка е нокаут за македонската дипломатија, што преведено значи или да се бугаризираме или никогаш нема да влеземе во ЕУ.
„Тоа е класичен нокаут. За мене уште поголем нокаут е лицемерната политика. Затоа што денеска слушам уште еден преседан, а тоа е да се уценува Македонија- земја кандидат, а притоа да се излезе со позиција дека Украина заслужува кандидатски статус. Македонија беше во 1999 добар домаќин на стотици илјади НАТО војници, имавме војна на нашата северна граница. Никој тогаш не ни рече од утре сте членка на НАТО, туку во 2008 повторно бевме уценувани да менуваме име. Македонија имаше внатрешен конфликт, никој тогаш не кажа од утре сте кандидат за ЕУ, чекавме до 2005. Работевме за да дојдеме до тој кандидатски статус“, нагласи Мицкоски.
Додаде дека 22 години седиме во чекална, а не сме ни на масата, а држави кои не можеа да замислат ЕУ не поминаа и денеска се дел од унијата.
Тој посочи дека жали за тоа што се случува во Украина, но исто така жали за тоа што се случува и во Македонија, односно во Струмица, во Прилеп, во Битола, во Тетово, во Гостивар, од каде десетици автобуси секој ден полни си заминуваат од државата, претежно со млади луѓе.