Ако Турција купи руски С-400, САД би можеле да ја преселат Инџирлик во Грција

САД размислуваат да ја пренесат својата воздухопловна база од Турција во Грција, ако Анкара не се откаже од набавката на рускиот противракетен систем С-400, изјави за грчкиот дневен весник Kathimerini американскиот сенатор Боб Менендез.

Во интервју за грчкиот весник, демократскиот сенатор укажува дека со ова Вашингтон ќе покаже дека се грижи, како за својата, така и за национална безбедност на сојузниците, во согласност со Членот 5 од договорот за НАТО. Менендез, сепак, се надева дека тоа нема да се случи.

„ Не очекуваме дека Турција ќе застане на тенок мраз. Но, ако го направи тоа, ние ќе сториме се што е во наша моќ да ја заштитиме нашата и националната безбедност на нашите сојузници, соодветно на Членот 5 од договорот за НАТО“, порачува американскиот сенатор.

Според Мендез, Вашингтон е подготвен да ја пресели својата база Инџирлик од јужна Турција во Грција, но се надева дека „односите со Анкара нема да дојдат до таму“.

Турција и Русија во декември 2017 година потпишаа договор за набавка на противракетниот систем С-400. Москва треба да и испорача на Анкара две батерии С-400, што ќе бидат управувани од турски воен персонал кој треба да помине обука во Русија.
Исто така, Турција има намера да започне военотехничка соработка со Москва за можно започнување на производство на руски противракетни системи во Турција.

Турција е членка на НАТО и истовремено соработува со Русија, иако НАТО уште од 2014 година е во конфронтација со Москва, каква што досега немало од времето на Студената војна.

Менендез и неговиот републикански колега, сенаторот Марко Рубио, деновиве се во официјална посета на Атина. Двајцата сенатори се автори на Законот за безбедносно и енергетско партнерство во Источниот Медитеран, со кој треба да се укине американското ембарго за извоз на оружје за Никозија и да се придонесе за зајакнување на безбедноста на Грција и Кипар, но и да се подобри енергетската безбедност во регионот