Ако ви се прекршени работничките права пријавете овој број

Работниците ќе можат телефонски или електронски, преку меил, да пријавуваат или да поднесуваат жалби и барања доколку им се прекршени правата. Ова е целта на новата кампања на ССМ која предвидува поедноставен пристап до бесплатната правна заштита за работниците.

Кампањата е под мотото „Правна заштита – сигурност на работничките права“.

– Преку воведување посебна новоотворена телефонска линија 070 818 878 и преку посебна меил адреса, [email protected], работниците можат да ги доставуваат своите пријави, жалби и барања, по што колегите во најкраток рок ќе постапуваат – информира ССМ.

Според ССМ, активностите за заштита на работничките права ги преземаат овластените правни застапници и синдикалните претставници во 10 регионални синдикални претставништва (Скопје, Битола, Велес, Делчево, Кавадарци, Куманово, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип), како и во синдикалните канцеларии (во Ресен, Свети Николе, Берово, Виница, Кочани, Гевгелија, Неготино, Крива Паланка, Дебар, Струга, Македонски Брод, Гостивар, Кичево, Струмица, Пробиштип, Радовиш).