Ако ВМРО-ДПМНЕ имаат информации нека поднесат пријави до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и ние ќе постапиме, вели претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, во разговор за „360 степени“ откако опозициската партија денеска обвини дека 123 функционери кријат имот вреден 30 милиони евра.
„Ќе видиме за што станува збор. Надлежноста на ДКСК е да изврши проверка на анкетните листови, дали тие ги содржат сите податоци кои ги потврдуваме со прибирање и споредба на информации од надлежни институции, како што се Агенцијата за катастар, МВР, УЈП итн. Проверуваме дали тоа што е пријавено соодветствува со тоа што го имаат регистрирано институциите“, вели Ивановска.
Исто така, како што додава претседателката, Антикорупциска прави проверки и по допрен глас, по годишниот план, по пријави од други лица …
Во случајот со аферата за која обвинува ВМРО-ДПМНЕ, објаснува Ивановска, доколку има такви лица, она што може ДКСК да го направи е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.
Но, во случај да имаат имот кој не е заведен на нивно име во Катастар, тогаш тука има проблем.
„Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“, вели претседателката на ДКСК.
Покрај законот за потекло имот, од голема помош за Антикорупциска, нагласува таа, ќе биде и ставањето во функција на софтверот кој ќе значи поврзување на сите институции. Со него, пратениците електронски ќе пополнуваат анкетни листови и истите во реално време ќе може да се споредат дали ги содржат сите податоци за нивните имоти или не.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска на прес-конференција даде рок од 24 часа институциите да ги објават имињата на 123-те функционери.
„Даваме рок од 24 часа институциите сами да ги објават овие имиња, во спротивно од утре ќе ги објавуваме поединечно заедно со имотот кој го кријат. Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат“, рече на прес-конференција Бране Петрушевски.
Тој рече дека на списокот се функционери и од СДСМ и од ДУИ, а меѓу нив има претседатели на комисии, директори и раководни луѓе на институции. Според ВМРО-ДПМНЕ, се прикриваат куќи, станови, викендички, деловни простории, удели во фирми, депозити …