Актерката Билјана Беличанец најдена мртва

Актерката и ексградоначалничка на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, вечерва е пронајдена мртва во стан во Скопје, објавија вечерва неколку портали.

Засега не се познати причините, а од МВР ја потврдиле. Полицијата ги проверува причините за смртта.

Неофицијално, од извори на истрагата порталот САКАМ ДА КАЖАМ.мк дознава дека актерката е најдена обесена во бања во стан во центарот на Скопје. Смртта ја пријавил член на семејството околу 22,40 часот

Беличанец е родена на 25-ти јули 1973 година во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија.

Во 1997 година се вработила во Драмски театар Скопје. Досега реализира бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмски театар и други инстутуции и проекти.

Во периодот од 2013 до 2017 година ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.