Британскиот актер Бенедикт Камбербач, кој се прослави со улогата на Шерлок Холмс во истоимениот телевизиски серијал, спасил непознат маж од напад на членови на улична банда во Лондон, пишуваат во саботата весниците The Sun и The Daily Mirror.
Актерот се возел низ Лондон во такси заедно со својата сопруга, исто така актерката Софи Хантер, кога забележал на улицата Мерилебон четворица мажи како удираат со шише по главата еден велосипедист кој доставувал храна. Камбербач излегол од возилото и го одвлекол вниманието на напаѓачите од нивната жртва.
„Бенедикт покажа храброст, смелост и постапи несебично. Доколку тој не интервенираше, велосипедистот сигурно ќе доживееше сериозни повреди“, изјавил за The Sun, очевидецот на овој инцидент, таксистот Мануел Дијаз.
Според таксистот, тој ја возел актерската брачна двојка во клуб, но не знаел кого превезува со своето возило. Дијаз изјавил дека стравувал за судбината на својот патник кога овој се спречкал со насилниците. Тогаш и тој излегол од автомобилот и видел како Камбербач ги оттурнува напаѓачите од себе викајќи им да го остават човекот на мир. Возачот претпоставува дека хулиганите го прекинале конфликтот, а за актерот пред новинарите изјавил дека се „понесол како вистински суперхерој“.
Во написот се истакнува дека инцидентот се случил во близина на крстосувањето на Марилебон со Бејкер стрит, улицата во којашто според романот на сер Артур Конан Дијл живеел детективот Шерлок Холмс.