Во неделата попладнето сѐ уште се активни неколку пожари во околинатра на Скопје, соопштија од скопската противпожарна служба, доцна попладнето ново жариште е пријавено кај Сопиште.
Пожарот кој претпладнево избувна околу 11,30 часот над скопската населба Пинтија, е на 200 метри од куќите во месноста Девлиште, каде станува збор за главно викенд куќи кои во моментов не се загрозени, но стихијата им се заканува на блиските индустриски објекти.
Во скопската општина Кисела Вода зафатена е поголема површина мешана шума. Огнената стихија е на непристапен терен, а гаснењето го отежнува и ветрот. На терен се три екипи на скопската противпожарна бригада, а на помош била повикана и уште една екипа.
Активни се и пожарите во селата Мојанце и Долно Блаце, каде што исто така интервенираат единици на Бригадата за противпожарна заштита. Од таму апелираат до сите граѓани при посета на излетничките места и шумите да бидат внимателни со опушоците од цигари, палење оган на отворено, како и други активности кои можат да предизвикаат несакани пожари.
Како што информираат за МИА од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, локализиран е и пожарот кај скопското село Мојанце, над Арачиново, а нов пожар е пријавен кај Сопиште.
Во моментов две екипи пожарникари се упатени кон Сопиште, каде граѓани телефонски пријавиле пожар. Пожарот е во близина на фабриката за пиротехнички средства, изјавија за МИА од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.