Албанија одлучи да прогласи за непожелен и да протера ирански државјанин, осомничен за делување против муџахедините во Албанија и опасен по безбедноста на земјата.
Истовремено нему му е изречена забрана за влез во Албанија во период од 15 години.
– Станува збор за Даниел Касра (29) од иранска националност а со италијанско државјанство. Осомничен е дека е агент инфилтриран од иранското Министерство за разузнавање. Според извештајот на секторот за антитероризам, овој граѓанин е класифициран како опасно лице кое ја нарушува јавната безбедност на Албанија – пренесе Топ чанел.
Налогот за негово депортирање во Италија, го потпиша министерот за внатрешни работи, Сандер Лешај, а осомничениот моментално е сместен во кампот во Вора, кај Тирана.
Касра се појавувал многупати во кампот на муџахедините во Манза, кај Драч. Во име на иранската држава се обидувал да регрутира поранешни и сегашни членови на МЕК.
Во последните години прогласени за непожелни и протерани од Албанија се околу 80 странци, главно ирански државјани, поради сомнителни активности.
На крајот од декември 2018 година беше протеран амбасадорот на Исламската Република Иран, Голамхошеин Мохамадниа и уште еден дипломат од амбасадата во Тирана зашто биле влучени „во активности кои се закана по безбедноста во земјата“.