Парламентарните избори во Албанија во неделата, според надевањата, треба да претставуваат пресврт во долгата традиција на избори одбележани со измами, насилства и оспорувања, што би било добар сигнал за патот кон членство во Европската унија.
Владејачката Социјалистичка партија на 52-годишниот премиер Еди Рама и опозициската Демократска партија, од десницата, на 43-годишниот Љуљзим Баша, речиси се изедначени, со тоа што во анкетите блага предност му се дава на премиерот.
Албанците на изборите во неделата избираат 140 пратеници. Изборите ќе ги следата околу три илјади набљудувачи, од кои 300 странски.
Во 2009 година тогашната социјалистичка опозиција тврдеше дека на изборите имало мамење и нејзините приврзаници со месеци протестираа на улиците. Во 2011 година на изборите тројца луѓе беа убиени.
По изборите од 2013 година, иако го призна поразот, десницата и нејзиниот водач Сали Бериша ја бојкотираа работата на парламентот, каде што изминативе четири години беа изменувани тешки навреди и вербално насилство наместо демократски дебати.
Така и сѐ до мај годинава, новиот лидер на десницата Љуљзим Баша, кој е голем обожавател на американскиот претседател Доналд Трамп, се закануваше дека ќе ги бојкотира овие парламентарни избори. А таквата реторика е уште присутна.
„Еди Рама поддржуваше грст луѓе коишто (…) ја држат економијата во своите раце, како и една рака криминалци кои ја приграбија власта и од Албанија направија магацин за дроги“, изјави Баша во интервјуто за агенцијата AFP.
„Никогаш не им одговарам на своите противници на јазикот кој му е туѓ. Тој (Баша) е водач на опозиција којашто не е подготвена за предизвикот да се владее со земјата и тоа е сѐ…“, рече Еди Рама а на еден митинг за својот противник рече дека е како „лубеница која треба да се отвори за да се види дали е срела или не“.
Но покрај тоа, предизборната кампања беше „првата во којашто двете најголеми партии практички го положија оружјето“, оценува политикологот Скендер Минџози. На улиците „немаше големи транспаренти, плакати знамиња… Ниту навреди“, додава.
Аналитичарот Ардијан Чивичи, вели дека дури и би се обложил на „голема коалицијата на Социјалистичката и Демократската партија“. Тоа би им овозможило да го истиснат Социјалистичкото движење за интеграција на 48-годишниот претседател Илир Мета, кој беше избран на 28 април годинава, за кого велат дека е вешт политички мешетар кој веќе десет години профитира на тоа што помалку ја поддржува едната, па другата страна.
Покрај личните анимозитети, двете најголеми партии, според аналитичарот, се согласуваат околу она што е важно „отворањето на преговорите за пристапување кон Европската унија“. Според Рама, „мнозинството и опозицијата ќе бараат заедно по изборите отворање на преговорите со ЕУ“.
Новата влада ја очекува голема задача. Иако Рама го поставува како цел „растот поголем од 5 отсто“, Албанија и натаму е една од најсиромашните земји во Европа, со просечна месечна плата од 340 евра. Земјата бележи и масовен одлив на младите во странство, кои бегаат од невработеноста: 2,9 милиони албански државјани живеат во земјата, а 1,2 милиони во странство, што претставува светски рекорд.
Албанија е кандидат за членство во ЕУ од 2014 година, но Унијата е само долгорочна перспектива. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот, ЕК ја критикуваше за „бавното и неефикасно правосудство во кое преовладува корупцијата“ и „малиот број пресуди за организиран криминал“.
Рама, меѓутоа, е убеден дека реформата на правосудството ќе даде „добри резултати“, иако ќе бидат потреби „добри десетина години“ за албанското правосудство да одговора на европсктие стандарди.
„Да се стави крај на корупцијата, дури ниту Франција во тоа не успеа“, но реформата којашто е во тек „ќе ја намали на прифатливо ниво“, вели Рама. Исто така, треба да ги убеди странците дека властите во Тирана се решителни во борбата против масовното одгледување на канабисот.