Заменик директорот на албанската државна полиција Алберт Дервишај, соопшти дека полицијата од петокот е во состојба на зголемена готовност и засилена служба за неделните парламентарни избори, а припадниците на албанската армија веќе почнале да обезбедуват 74 објекти државен интерес.
Додаде дека полицијата е подготвена за изборите за чија безбедност ќе бидат ангажирани 7.519 полициски службеници од сите сектори, кои претходно минале соодветна обука.
„Полицијата презеде мерки за безбедност на изборите. Ангажиравме 7.519 полицајци за изборите, кои меѓу другото ќе ги обезбедуваат и сите 5.199 избирачки места. Подготовките за изборите започнаа од декември 2020 година. Доставени се изборните материјали и печатите што од нас го побара ЦИК а до неа ние го испративме списокот со полициските службеници, кои ќе гарантира ред и безбедност на денот на изборите“, рече Дервишај.
„Ги подготвивме структурите за какво било обвинување, што има врска со купување гласови или други нерегуларности на изборите. Соработувавме со ОБСЕ и други институции во земјата. На 24 и 25 април е изборен молк и не треба да се одржуваат митинзи или други форми на политичка пропаганда. Подготвени сме да ги чуваме изборните субјекти и решени сме да ја држиме територијата под контрола“, нагласи Девишај.
Оцени дека полициските должности се извршуваат со целосна одговорност и оти досега не е откриен ниту еден полициски службеник вклучен во какви било изборни нерегуларности.