Албанската коалиција „За семејство и живот” денеска во Тирана организираше „Марш за живот” како реакција на несогласувањето со предлог-законот „Сексуален живот и репродукција”. На маршот учествуваа родители со нивните деца, баби и дедовци, млади луѓе, претставници на албанската коалиција за семејство и живот, кои беа и организатори.
Тие мирно маршираа од плоштадот „Скендербег“ до плоштадот „Мајка Тереза“ во одбрана на семејството и прославата на животот на Меѓународниот ден на детето, објави Топ чанел.
Со транспаренти за живот и за традиционално семејство, држејќи во раце балони и цвеќиња, порачаа дека семејството е светост.
Тоа е закон против Бог, античовечки, против плодноста. Има сурогат мајки кои живеат во станови во Албанија, а тоа што се прави на црно, се бара да се легализира. Овој закон е за чист бизнис и ја претвора Албанија во земја на трговија со луѓе, обвинуваат учесниците.
Луѓето што протестираа денеска потпишааа петицијата „Манифест на животот“ која ќе биде доставена до албанскиот Парламент за отфрлање и тргање од дневен ред на предлог- законот.
Инаку, со него се предвидува сурогат мајчинство, абортус за 16-годишни девојчиња без знаење на родителите, стерилизација на млади 18-годишни девојки и 23-годишни момчиња, како мерка за планирање на семејството.
Министерството за здравство го подготви предлог-законот „За сексуално и репродуктивно здравје“ образложувајќи дека има за цел да ги гарантира сексуалните и репродуктивните права на поединците.
Против ваквиот закон веќе се изјаснија првите луѓе на верските заедници во Албанија.