Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши во посета на Македонија

Министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија.

Пелеши ќе биде пречекан од министерката Радмила Шекеринска, а по официјалната церемонија со највисоки воени почести, ќе се реализира тет-а-тет средба на двајцата министри и средба на двете делегации.

Двајцата соговорници ќе разговараат за унапредување на билатералната одбранбена соработка, за улогата на двете земји-членки на Алијансата во зацврстувањето на регионалната стабилност и безбедност, како и за унапредување на колективната одбрана во рамки на Алијансата.

Северна Македонија и Албанија, како што наведуваат од Министерството за одбрана, имаат одлични билатерални одбранбени односи, соработуваат на регионално ниво и се сојузници во рамки на НАТО – Алијансата.

Албанската делегација ќе биде примена и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на државата Стево Пендаровски.