Александра Пешевска ја доби наградата „Ристо Шишков“

Александра Пешевска, актерка на Кумановскиот театар, ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 28 издание на Меѓународниот фестивал „Ристо Шишков“, во Струмица.

Наградата ја доби за улогата Кејт во претставата „Телефонот на мртовецот“ од Сара Рул, во продукција на театарот од Куманово во режија на Александар Ивановски.

Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот и парична награда во износ од 1.500 евра.

„Жирито на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во состав Драшко Зидар, актер од Република Хрватска, минатогодишен лауреат на фестивалот и Тодор Кузманов и Гоце Ристовски, по опсежна анализа на секое актерско остварување поединечно, одлучи овогодинешнава награда да ја добие актерката од Театар Куманово Александра Пешевска“, – вели Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Александра Пешевска во оваа ролја манифестира супериoрно актерско мајсторство со изразени психолошки валери, уверливо досегнувајќи ја зоната на внатрешна чувствителност, креирајќи сложен, но стамен лик распнат низ бурните времиња на човековото опстојување, лик што кореспондира со филозофијата на Исус, а кој живее овде до нас, со нас и во нас, – стои во образложението на жири комисијата.