![emilija aleksandrova](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/emilija-aleksandrova.jpg?resize=640%2C419&ssl=1)
Владата на СДСМ до пред само една седмица се жалеше дека има пренатрупаност во администрацијата, но тоа не важи за целиот СОРОС сектор, новинари блиски до оваа партија и нивните партиски членови кои добија работни места токму во администрацијата, рече на прес-конференцијата во средата, претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова.
Посочи дека СДСМ ги вработил сите оние кои изминатиот период „најдрско и најплукачки“ го напаѓаа раководството и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа и оти продолжила практиката на социјалдемократите во владата да вработуваат и новинари кои се блиски до нив.
„Новинарот Зоран Бојаровски е дел од новиот тим на министерот Роберт Поповски. Бојаровски беше дел од тимот на А1 телевизија и дел од тимот на МИМ кој е финансиран од СОРОС. Претходно на ист принцип беше вработена и Катерина Цаневска – Арсовска во општина Центар од страна на градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски“, посочи Александрова..
Наброи и дека во Владата СДСМ ги вработила и ткн граѓански активисти кои ја предводеа ткн „Шарена револуција“ зад која стоеше сега владејачката партија, како Бојан Маричиќ од невладината за европско образование, сопруг на поранешната пратеничка Маринела Тушева, Дане Талески од институтот Прогрес, Марјан Забрчанец од МОФ кои се сега вработени како „високи советници“ на новиот премиер Заев.
„Ниту министерот Алаѓозовски не го интересираше наводната пренатрупаност во администрацијата, па и тој вдоми неколку истакнати активисти на СОРОС и СДС. Новинарот Петрит Сарачини кој по потреба е и дел од невладината Цивил и МИМ институтот е советник во Министерството за култура. Никола Наумовски братучедот на Шекеринска од Распеани скопјани е нов вработен во министерството за култура. Петар Арсовски кој го напаѓаше проектот Скопје 2014-та, исто така, е нов вработен во министерството заедно со поранешниот социјалдемократски министер за култура и Ѓунер Исмаил кој бараше дислокација на спомениците, а Бранимир Јовановиќ од Шарената револуција е новиот советник во министерството за финанси “, додаде Александрова..
Но, како што рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, уште полицемерно е новиот оглас за вработување на 13 посебни советници во Владата на Република Македонија со плата во висина од 36.873 денари. Ваквиот оглас доаѓа откако пред само една недела Рашковски и Манчевски тврдеа дека јавната администрација се соочувала со превработеност, потсети Александрова.
Заклучи дека сега станува очигледно за јавноста оти СДСМ изминатиот период во обид да ја манипулираат јавноста, прикажувајќи ја претходната влада како неодговорна и расипничка која создала превработеност, се фатил во сопствената лага.