Дали тетовското обвинителство го штити пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, чие име медиумите го споменуваа, односно посочија дека тој пукал на свадба пред една недела каде бил ранет неговиот син и уште едно лице? Алфа телевизија дојде до копија од полицискиот записник и водејќи се по исказот даден од сведок кој бил присутен на свадбата на 30 јули, пратеникот Адеми и негов братучед се посочени дека пукале на веселбата.
-Во еден момент Џеват испукал еден рафал од НН црн пиштол во вис, а за кратко време дошол и неговиот братучед, кој седел до Џеват, кој откако седнал и тој извадил огнено оружје, пиштол сива боја и испукал неколку куршуми. За кратко време почнале и двајцата да пукаат рафално со нивните пиштоли, како да се натпреваруваат кој ќе испука повеќе, а откако престанале да пукаат, ги вкрстиле цевките на пиштолите и ги држеле во раце, стои во записникот на полицијата до кој дојде Алфа ТВ.
Во записникот на полицијата стои дека биле повредени синот на пратеникот и уште едно лице, кои со потешки повреди завршија на Клиничкиот центар во Скопје.
Иако, во записникот на полицијата од изјавата на сведок на настанот пишува од кои оружја било пукано на свадбата на 30 јули, од тетовското јавното обвинителство се уште се во дилема од кое оружје се пукало
-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид на лице место веднаш по настанот. Притоа е составен записник. Во моментов се работи на прибирање докази и на утврдување со кое оружје е пукано, велат од ОЈО.
Во пријава на МВР стои дека има индиции дека на 30 јули била предизвикана општа опасност, што е кривично дело за кое е предвидена затворска казна до 5 години.
-Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години, стои во кривичниот законик член 288 став 1.
Алфа телевизија се обиде да стапи во контакт со пратеникот Џеват Адеми и да ја слушне неговата страна на приказната, неговиот мобилен телефон прво ѕвонеше но потоа стана недостапен.
[youtube https://www.youtube.com/watch?v=wbbKqjJOycA]