Али Ахмети на сослушување во Специјализираното обвинителство за воени злосторства на Косово

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, е повикан од Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг.

Интернет порталот „Инсајдери“ дознава дека поканата да се појави обвинителството, Ахмети ја добил пред изборите, кои што ги искористил како аргумент за да го одложи заминувањето во Хаг.

Сега, откако изборите завршија, како што најавува „Инсајдери“ се очекува тој да замине во Хаг за да биде сослушан од меѓународните обвинители кои водат истраги за воени и повоени злосторства.

Тој, за ТВ 21 потврдил дека е повикан како сведок, бидејќи е еден од основачите на ОВК, но не сакал ниту да потврди ниту да демантира дали неговото сведочење се однесува на случајот со косовскиот претседател Хашим Тачи.

Лидерот на ДУИ на Фејсбук објави дека на покана на Специјалното обвинителство на Косово е поканет како сведок во Специјалниот суд во Хаг.

– Владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во текот на целата моја активност. Затоа, би сакал да ве известам дека Специјалното обвинителство на Косово, како еден од основачите на УЧК и член на генералниот штаб, ме покани како сведок и без двоумење ја прифатив поканата и воспоставив конструктивен и кооперативен контакт со службените лица во Хаг.

Отсекогаш сум бил поддржувач на неселективната правда и јас сум на располагање на правосудството да ја докажам искреноста на ослободителната војна на албанскиот народ против геноцидот на српскиот режим на Милошевиќ – напиша Ахмети.

Специјализираното обвинителство минатиот месец објави дека на 24 април поднесло обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото против претседателот на Косово Хашим Тачи, против лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и неколку поранешни водачи на ОВК.

Лидерот на ДУИ, на своето последно интервју за косовската државна телевизија изјави дека сите обвинувања не држат и дека „војната на ОВК била чиста како солза“.