
Пратениците на Алијанса за Албанците и Алтернатива ја напуштија седницата на Собранието со образложение дека веќе 12 часа се во законодавниот дом и упатија барање да се продолжи со работа утре во 9 часот.
На тоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, порача дека законодавниот дом ќе работи се додека има соодветно мнозинство.
Претходно, седницата ја напуштија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Со верификацијата на мандатот на Белкиса Зеќири која доаѓа на местото на Радмила Шекеринска, досега се верификувани мандатите на тројца нови пратеници кои се избрани наместо Зоран Заев, Љупчо Николовски и Радмила Шекеринска.
Собранието ја констатираше и оставката на Оливер Спасовски од пратеничката функција по што повторно се очекува извештај од Државната изборна комисија и верификација на мандатот на новиот пратеник.
Останува истата постапка да биде спроведена и за Никола Димитров, Мила Царовска и Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.
Во текот на денешниот ден беше констатирана и оставката на Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими кој е предложен за министер за финансии. На негово место, верификуван е мандатот на новиот пратеник од ДУИ Бедри Фазлиу.