
Нашите судови и обвинителства продолжуваат да бидат партизирани и исполитизирани, дури и во служба на политички функционери, штитејќи ги, наместо да ги обвинуваат за кршење на законот. Таков е случајот со вишите обвинители Мустафа Хајрулаи и Дилавер Бектеши од Апелацискиот суд во Скопје за функционерите на ДУИ, Ејуп Халими и Исмет Гури, кои бараат да се уважи нивната жалба, да им се тргнат затворските казни и случајот со фалсификување на изборните резултати да се врати на повторно судење, велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.
– Ова е уште еден скандал и доказ кој потврдува дека претседатели на судови, виши обвинители инсталирани од ДУИ, членови на судскиот и обвинителскиот совет, продолжуваат да ги штитат функционерите на ДУИ вклучени во криминал и корупција. Токму тоа е причината што досега ниту еден сегашен или поранешен функционер на ДУИ не одговарал. Овие обвинители и судии избрани и именувани од ДУИ, никогаш не го кренаа својот глас против политички монтираните судски процеси против Албанците и никогаш не ги бранеа нив како што ги бранат функционерите на ДУИ – велат од Коалицијата.
Според нив, тоа се судии и обвинители на ДУИ, исти како тие кои се блиски сега до СДСМ а порано до ВМРО, што го држат во заложништво системот на правдата и ги спречуваат реформите во правосудниот систем.
– Обврската за редефинирање на правниот систем е најургентно прашање во нашата земја. Ние како коалиција испративме писмо до министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за да испратат мисија на ЕУ, која ќе го реформира правосудниот систем и која ќе се занимава одделно со политички монтирани случаи, за кои сметаме дека се неопходни за перспективата на Северна Македонија – велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.