Во низата афери на власта, покрај за генералниот секретар на Владата, се надоврза уште една – во Управата за матични книги, предводена од кадар на ДУИ, Бујар Дардишта. Според медиумите, во име на дигитализација на матичните книги, таму се вршел тендер вреден 480.000 евра, добиен од компанијата „Нова инв” – сопственост на син на бивш функционер од ДУИ и актуелен амбасадор во една европска земја, соопшти коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Таа фирма е основана пред три месеци или само еден месец пред да се објави јавната набавка. Сомнежот се засновува и во поставените критериуми, како што е промената на основните услови, наместо искуството на компанијата и нејзината финансиска стабилност, биле поставни критериуми за квалификации на персоналот и, очигледно, тоа е сторено со цел таа компанија да го добие тендерот и да ги дисквалификува другите апликанти или да оневозможи други апликации, наведува коалицијата во своето соопштение од одржана прес-конференција.
„Затоа, со вакво основано сомневање, реагираме и бараме од Комисијата за спречување на корупција да го преиспита овој случај, како и од Јавното обвинителство да постапува. Бидејќи ова не е прв пат Управата за матични книги да спроведува вакви сомнителни тендери, очекуваме од горенаведените институции – во име на транспарентноста – да дадат и повеќе детали за аферата, а покрај тоа да ја известат јавноста на чија сметка од функционерите на ДУИ е реализирана оваа зделка. Дали последниот корисник е директорот на оваа институција или таа води до претседателот на ДУИ? Ние како опозиција ќе чекаме одговор и нема да се откажеме од интересот за дознавање на вистината. Во спротивно, ќе мора да заклучиме дека се работи за класична корупција што ја спонзорира Владата“, порачува коалицијата.
Влада која и во време на криза и пандемија си дозволува да зафаќа во народните пари не заслужува да владее, наведуваат Алијанса за Албанците и Алтернатива.