
Собраниската Комисија за финансирање и буџет на која на дневен ред се трите закони поврзани со антикризните мерки за ковид-19 од петиот пакет е закажана за попладнево 18,30 часот. Комисијата е закажана откако претходно денеска во Собранието владејачкото мнозинство и СДСМ постигнаа договор да се изгласаат овие закони. Но, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што најавија, ќе ги блокираат законите.
Според координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива, Скендер Реџепи, пратениците веќе ги потпишуваат амандманите што, како што посочи, ќе бидат преку 3.000.
Комисијата за финансирање и буџет беше закажана откако денеска беше постигнат договор помеѓу владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На 36. седница останаа само Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот, за месеците февруари и март 2021 година, по скратена постапка. Потоа, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година и Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на личен доход, сите по скратена постапка и во второ читање.
Од Собранието информираат дека за одлуката за продолжување на кризната состојба постапката е поинаква бидејќи за неа АА и Алтернатива имаат поднесно преку 400 амандмани.
Доколку се постигне некаков договор, тогаш би можело вечерва по завршување на седницата за пратенички прашања да бидат донесени овие закони.