Алијанса за Албанците нема да го гласа Законот за Јавното обвинителство

Пратениците на Алијансата за Албанците на Зијадин Села нема да гласаат за предложениот Закон за обвинителство бидејќи пристигнатата верзија на законот во парламентот не е иста со договорената, вели пратеникот Сурија Рушити.

„ Вистина е дека Алијансата на Албанците имаше свои забелешки на драфт верзијата на Законот за обвинителство и голем дел од нив беа прифатени од министерката Дескоска. Но она што стигна во Парламентот не е истиот предлог закон. Во членот 110 се предвидува амнестија, а ние никогаш нема да прифатиме Закон за јавно обвинителство кој овозможува амнестија“, рече Рушити.

Членот 110 предвидува „бомбите“ односно незаконски прислушуваните материјали кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги предаде во Специјалното јавно обвинителство да бидат докази само во случаите за кои се покренати обвиненија до 30 јуни 2017 година, односно 18 месеци од предавањето на материјалите, во истрагите ќе бидат индиции, а во предистрагите нема да се користат ниту како индиции.