Алијанса за Албанците влегува во Владата, можна е собраниска седница за реконструкција и в понеделник

Алијанса за Албанците ќе биде дел од Владата, одлучи највисокото тело на партијата, а за нејзиниот влез во владината коалиција зелено светло даде и Централниот одбор на СДСМ. Седницата за реконструкција на Владата можно е да биде закажана веќе в понеделник, вели претседателот на Собранието Талат Џафери, ако во текот на денот премиерот Димитар Ковачевски го достави предлогот до пратениците за составот на новиот владин кабинет.

Синоќа, по седницата на највисокото партиско тело на Алијансата за Албанците претседателот на партијата Арбен Таравари потврди дека влегуваат во Владата и ги објави функциите кои би требало да им припаднат.

Централното претседателство на Алијанса за Албанците на вечерашната седница со мнозинство прифатиле да влезат во Владата. Министерство за здравство, Министерство за правда, Министерство за информатичко општество или заменик премиер за економски прашања, се договорени како ресори, што ќе ѝ припаднат на Алијансата за Албанците.

Било договорено, како што рече Таравари, АА да добие и две заменички министерски места, за одбрана и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претходно извори во АА информираа дека треба да добијат и двајца државни секретари, од кои едниот е во МТСП, а вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што би ги добила Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменик-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.

Таравари за денеска најави средба со премиерот Димитар Ковачевски на која, како што рече, ќе ги објави имињата на идните министри и заменици-министри од редовите на оваа партија.

Синоќа седница одржа и Централниот одбор на СДСМ. Како што изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска Централниот одбор (ЦО) на СДСМ го овластил партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски да ги заокружи разговорите за поголемо мнозинство и да предложи кадровски решенија за реконструкција на Владата.

Кузеска изјави дека СДСМ го задржува бројот на министри како досега, а наскоро може да се очекува Ковачевски да излезе со решенијата кои ќе значат и реконструкција на Владата. Таа предупреди дека „опасноста е земјата да биде зафатена од радикални елементи како Левица кои сакаат да го сменат нашиот пат кон ЕУ и да не испратат во изолација и сиромаштија“. Поради тоа, напомена, мора да се здружат силите и да не се дозволи повторно 11-годишна блокада.

Во однос на Алтернатива, и нејзиното евентуално заминување или останување во Владата, Ковачевски, рече дека сакаат партијата да остане како дел од парламентарното и владиното мнозинство, посочувајќи дека со оглед на тоа дека се разговара за влез на нов партнер во владината коалиција, што значи зголемување на мнозинството и нов распоред на пратеничките мандати, постојното мнозинство ќе треба да направи одредени прилагодувања со цел да може да се оствари таа идеја.

-Вратата за Алтернатива останува отворена, бидејќи тие се дел од Владата. Ние сме демократско општество и ниту еден политичар или политичка партија не може на друг политичар или политичка партија да сугерира каква одлука ќе донесе, меѓутоа мојата почит кон политичките партии кои што се дел од владината коалиција, кои што учествуваа во носење на тешките одлуки и за членството во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ и за носењето на други законски решенија во однос на унапредувањето на нашето општество, секогаш било, е, и ќе биде на највисоко ниво, изјави Ковачевски.

Тој завчера попладне во Собранието се сретнал со претседателот на Парламентот Џафери за седницата за реконструкција на Владата.

-Го повикав премиерот Ковачевски да го информирам за процедурата за седницата за реконструкција на Владата по доставување на предлогот за реконструкција, за обострано да ги усогласиме обврските. Ако Ковачевски како предлагач денеска или утре го достави предлогот, точката за реконструкција на Владата може да ја ставам на собраниската седница закажана за в понеделник на 13 февруари или истиот ден да закажам нова седница, изјавил Џафери за „Слободен Печат“.

Ова ќе биде прва реконструкција на Владата предводена од Димитар Ковачевски по мини реконструкцијата во октомври лани, откако Горан Милевски од ЛДП си поднесе оставка и на негово место за нов министер за локална самоуправа беше избран Ристо Пенов.