Алимпиќ:„Последната пролет во Париз” е мојот најзрел роман

Реномираната професорка, авторка, водителка Јелена Бачиќ Алимпиќ пристигна во Скопје за да ја промовира нејзината последна книга, „Последната пролет во Париз”, како екслузивен гостин на „Клуб Матица“ по повод ребрендирањето на Булеварот на книгите.

Непосредна, ведра и расположена за дебата на вечни теми како вербата во љубовта и надежта која благодарение на „Љубовта умира последна“, е првичниот впечаток за авторката која со “Рингишпил” и “Писмата на Госпоѓа Вилма” го освои Балканот.

Опишувајќи го своето последно дело и како одговор на прашањето зошто баш роман со оваа тематика, авторката својот период по напуштањето на ТВ Пинк го оцени како пат кој ја направил само позрела и поискусна.

„Последниот роман „Последната пролет во Париз“ е мојот најзрел роман досега. Повеќе од две години собирав материјал и инспирација за да ја составам приказната која зрачи со љубов, но не едноставна љубов кон мажи и жени, туку љубов кон надежта и вербата на луѓето во истата таа љубов,” изјави авторката продолжувајќи со интересно објаснување за начинот на кој црпи инспирација од секојдневните искуства.

Вечерва од 19 до 20 часот, во продажниот салон на Клуб Матица на бул. „Климент Охридски“, Јелена Бачиќ Алимпиќ ќе се дружи со своите фанови. Истотака, авторката ќе потпишува примероци од својот роман и утревечер, за време на отварањето на ребрендираниот продажен салон на „Булеварот на книгите”.

Авторката Јелена Бачиќ Алимпиќ останува во Македонија до 06.06.2014, а четврток и петок се планирани за дружење со читателите во Охрид.