Македонскиот репрезентативец може да преговара со други клубови бидејќи е влезен во последните шест месеци од договорот со Лидс.
Турските медиуми најавуваат сензационална преселба на Езѓан Алиоски во редовите на Галатасарај по крајот на оваа сезона како слободен играч.
Македонскиот репрезентативец влезе во последните шест месеци од договорот со Лидс јунајтед и додека чека понуда за негово продолжување, турскиот гигант се обидува да ги присвои неговите услуги. Џани засега не сака да брза во одлуката, се надева дека ќе остане во тимот на Марсело Бјелса и ќе продолжи да се натпреварува во најатрактивната фудбалска лига во светот.
Алиоски од летото 2017 година е член на Лидс и досега запиша вкупно 152 настапи во сите натпреварувања, во кои забележа 22 погодоци и 17 асистенции. Сезонава е редовен стартер на левата бековска позиција, што е знак дека Бјелса многу смета на него.