Националниот центар за експертиза на лекови, медицински помагала и медицинска техника при Министерството за здравство на Република Казахстан, по извршената инспекција на погоните за производство на цврсти фармацевтски дозни форми и полусинтетски цефалоспорини на „Алкалоид АД Скопје“спроведена во јуни 2014 година, издаде сертификат за сообразност со начелата на Добрата производна пракса (GMP).
Ова е прва инспекција на фармацевтските погони на „Алкалоид“ извршени од страна на авторитетите на земја членка на Заедницата на независни држави (ЗНД),што претставува уште еден доказ за примената на најстрогите европски и интернационални стандарди, што „Алкалоид АД Скопје“ ги практикува во секојдневното работење, и кои се основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на фармацевтските производи не само во Република Казахстан, туку и во Русија, Белорусија и дел од останатите земји во регионот.
Овој сертификат е уште една потврда дека примената на најсовремени производствени технологии и деловни стандарди, како и производството на безбедни, ефикасни и квалитетни лекови ја прават компанијата достоен конкурент на меѓународните пазари.