Македонскиот фармацевстки гигант „Алкалоид“ ќе учествува на нововостановеното Светско првенство во шах за компании (1st FIDE Online World Corporate Chess Championship 2021), кое од 19 до 21 февруари ќе се игра преку интернет.
Првенството е во организација на ФИДЕ, а темпото на игра е 10 минути по играч плус 2 секунди за потег. Право на учество имаат корпорации од целиот свет, а секоја екипа ќе биде составена од вработени во компаниите со право на учество на еден надворешен член со цел да се засилат тимовите и да се подигне нивото на квалитет на играта.
За ШК Алкалоид на првата табла ќе игра ИМ Дејан Стојановски, кој како младинец освои титула Светски шампион во блиц (брзопотезен) шах и денеска е член на ШК Алкалоид. Од редот на вработените во компанијата која со децении е најголем инвеститор во македонскиот шах ќе настапат уште ИМ Филип Панчевски, ИМ Никола Димовски, ЖФМ Моника Стојковска, и ЖФМ Лидија Софревска Андонова.
Пријавени се 288 екипи од сите континенти,меѓу кои и најпознатите светски компании како Amazon, Vodafone, Siemens, IBM, Microsoft, Google, Facebook, Twitter, Kaspersky, LinkedIn, Oracle, American Express, Goldman Sachs, Credit Suisse, Societe Generale, Deutsche Bank, PayPal, Ernst & Young, Deloitte, KPMG и други.
Доказ за високото ниво на овој шампионат е и интересот за учество кој го потврдија големи светски имиња од светот на шахот како актуелниот светски шампион Магнус Карлсен, Европскиот шампион за 2019 година Владислав Артемиев (Русија), потоа Јан Непомњаши (Русија), Аниш Гири (Холандија) како и поранешните светски шампионки Антоанета Стефанова (Бугарија) и Марија Музичук (Украина).
Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е формиран 1976 година, по завршување на тогаш традиционалниот и мошне силен меѓународен шаховски турнир „Средба на солидарноста“ кој се одржувал во Скопје во организација на Шаховскиот сојуз на Македонија. Учесниците на турнирот биле примени во официјална посета во „Алкалоид“, по која тогашниот светски шампион Анатолиј Карпов одиграл и симултанка со вработени во компанијата.
„Алкалоид“ континуирано ја поддржува шаховската игра, а шаховскиот клуб на компанијата беше освојувач на Европскиот Клупски Куп за 2016 година, како и вицешампион за 2017, додека во 2018 и 2019 година беше на третото односно четвртото место.
Првиот светски шаховски шампионат ќе може да се следи преку www.chess.com