Алкалоид ја проширува програмата за практикантство и со средните училишта

По успешната имплементација на програмите за практиканство со четири факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, „Алкалоид АД Скопје“одлучи соработката од овој вид да ја прошири и со средните училишта. Во првиот циклус од програмата насловена „Серијална практична обука“, компанијата потпиша меморандуми за соработка со две средни училишта на територијата на град Скопје: средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и средното хемиско училиште „Марија Кири – Склодовска“.

„Во насока на нашите заложби за корпоративна општествена одговорност, а поттикнати од успешните примери на практикантство со академските инстанци, каде добивме сериозни индикатори за тоа како активниот ангажман на младите, талентирани и амбициозни студенти може да се искористи во полн капацитет а при тоа да се има обостран бенефит, одлучивме да ги отвориме вратите и за практична соработка со средните стручни училишта поврзани со нашите бранши. Се надевам дека новите генерации на миленијали ќе ја искористат шансата за надградување на нивните знаења и стекнување на нови практични вештини рамки на реални процеси“ – изјави г. Живко Мукаетов, Генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.

За целите на спроведување на проектот, кој е верифициран од страна на „Стопанската комора на Македонија“ а поддржан и од управата на „Град Скопје“ денес во седиштето на „Алкалоид“ беа потпишани меморандумите за соработка помеѓу компанијата и образовните институции:

„Оваа програма за изведување на практична настава отвора нова можност за учениците да стекнат практични вештини, знаења и искуства во оваа компанија. Верувам дека учениците ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на труд по завршувањето на образованието“,  изјави г. Блерим Небиу, директор на СУГС „Марија Кири – Склодовска“.

Според вд директорката на средното медицинско училиште„Д-р Панче Караѓозов“, г-ѓа Маја Салиу, потпишувањето на Меморандумот за соработка со „Алкалоид АД Скопје“ е резултат на зедничката визија за поттикнување на вработливоста на младите:

„Стратешка ориентација на нашето училиште е да се продуцираат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот преку стекнување вештини низ практична работа во реални услови. Сето ова е во насока на воспоставување систем на дуално образование во склоп на заложбите за одржлив економски раст и развој“ – истакна Салиу.

Поаѓајќи од фактот дека квалитетното и соодветно образование е темел на општествениот и економски развој на секој град и држава а во насока на унапредување на стандардите на образовните услуги во средните училишта и подигање на компетенциите на учениците раководителката на секторот за образование на „Град Скопје“, Даниела Адамова изјави:

“Наша цел е преку поддршката на позитивните пракси од европските модели на дуално образование, да креираме сопствени модели на соработка со бизнис заедницата кои ќе ги рефлектираат нашите специфични потреби за ефикасен и продуктивен образовен систем“.

Првиот циклус од програмите за практиканство „Алкалоид АД Скопје“ и Универзитот „Св. Кирил и Меториј“ го отпочна во април 2018 година. Преку истиот, 11 од вкупно 17 ангажирани практиканти останаа да работат за Компанијата. Целта на новиот циклус на практиканство со средните училишта е да се поттикне развојот на младите стручни кадри преку нивен активен ангажман во автентични процеси. За својот практичен ангажман, средношколците ќе добијат симболичен паричен надомест од Компанијата, а првата група од околу петнаесетина практиканти се очекува да отпочне со практичната обука кон средината на месец јуни оваа година.