Фармацевтската компанија Алкалоид, во период од први јануари до 30-ти јуни оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 511.911.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех.
Истиот период минатата година, компанијата прикажа добивка од 460.762.000 денари.
“Остварената консолидирана нето добивка во 2020 година изнесува 511.911.000 денари и во споредба со остварената во 2019 година бележи зголемување за 11%“, стои во образложението за остварените резултати.
Вкупните приходи од продажба, заклучно 30-ти јуни оваа година, достигнаа ниво од 6.067.516.000 денари, од кои на домашен пазар отпаѓаат 2.048.161.000 денари, додека поголемиот дел од 4.019.355.000 денари е остварен на пазари во странство.
“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – јуни 2020 година изнесуваат 6.271.835.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2019 година бележат пораст од 11%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97% имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги, коишто во споредба со остварените во 2019 година бележат пораст од 10%“, стои во Образложението.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни оваа година изнесуваат 841.059.000 денари и, како што се наведува, се поголеми за 99% во однос на истиот период од 2019 година.
“Од вкупните консолидирани продажби, 66% се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во југоисточна Европа (14%). САД бележат раст од 16%, Русија и другите земји во ЗНД раст од 8%, земјите од западна Европа раст од 5%“, стои во Образложението.
Во периодот јануари – јуни оваа година во Алкалоид се реализирани 111 нови вработувања во земјава. На крајот на јуни оваа година, во Алкалоид во Македонија работат 1.771 вработен, додека во друштвата и претставништвата во странство има вкупно 529 вработени или вкупно 2.300 вработени во групацијата.
“Во текот на вториот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходите од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржување на тековната ликвидност и финансиска стабилност. Како резултат на преземените мерки, очекува резултатите од работењето на друштвото до крајот на годината да се движат во рамки на веќе зацртаните плански цели за 2020 година“, стои во Образложението за очекувањата за претстојниот период.