Шпанскиот возач на Формула 1 и поранешниот двократен светски шампион, Фернандо Алонсо(37) објави дека ова е последна сезона во неговата кариера.
По 17 прекрасни години во овој прекрасен спорт време е за промена. Веќе пред неколку месеци бев решен да го направам ова. Остануваат неколку трки до крајот на сезонава, а на нив ќе настапам посветено и со повеќе страст од било кога, изјави Алонсо.
Сегашниот возач на „Мекларен“ ја почна својата кариера на Гран-при Австралија во 2001 година во тимот на Минарди, а стана светски шампион во 2005 година возејќи за „Рено“. Една година подоцна тој ја одбрани титулата.
Алонсо постигна 32 победи, а 97 пати се искачи на подиумот. Но последен пат беше меѓу најбрзите тројца возачи во 2014 година, кога возеше за „Ферари“, кога беше втор на Големата награда на Унгарија. Наредната сезона се пресели во „Мекларен“ со чиј болид никогаш не бил подобар од петтото место.
Шпанецот оваа сезона освои поени во осум трки од 12 настапи, а мораше да се откаже два пати. Најдобриот пласман беше неговото петто место на отворањето во Мелбурн. Со 44 поени, тој во моментов е на деветтото место.
Покрај двете титули светски шампион Алонсо три пати беше второпласиран, а еднаш третопласиран во вкупниот поредок.