Почетокот на новата учебна година доаѓа во многу опасно време, бидејќи алармантни се високите бројки на заразени и на починати лица од коронавирусот, реагираше партијата Алтернатива преку соопштение.
„Додека поминуваме низ можеби најтешките денови од почетокот на пандемијата, кога секојдневно имаме 20-30 починати лица, токму оваа недела се очекува да започне и новата учебна година. Во меѓувреме, треба да се одржи и пописот на населението и домаќинствата, а ние исто така влегуваме во предизборната кампања за претстојните локални избори. Сепак, овие бројки и овие можности за ширење на вирусот не се доволни за оваа влада да донесе одлука за одложување на учебната година. Кога гледаме дека секојдневно се намалува прагот на возраста на заразените лица и на оние кои имаат фатален исход, длабоко сме загрижени дека вирусот може да земе замав дури и во училиштата и тоа да создаде ситуација со трагични размери“, соопшти Алтернатива.
Партијата на Африм Гаши ги повикува Комисијата за заразни болести и Владата да донесат одлука за одложување на почетокот на учебната година за еден месец.
„Со одложувањето на учебната година може да се намали можноста за инфекција, но и да се преземат посилни мерки за заштита на учениците во однос на имунизацијата и спречувањето на ширењето на вирусот. Учебната година може да се надомести, но животите на луѓето се губат засекогаш“, соопшти Алтернатива.