Амал Клуни меѓу експертите кои го советуваат МКС за налогот за апсење на Нетанјаху и челниците на Хамас

Како што објави главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, тој побарал налози за апсење на неколку израелски политичари, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и тројца лидери на Хамас за воени злосторства во Газа и за нападот на 7 октомври.

На списокот на експерти во панелот на МКС кој го советувал за ова прашање беше се најде и славната адвокатка Амал Клуни, која воедно е и сопруга на познатиот актер Џорџ Клуни. Нејзе ѝ се придружуваат лордот Џастис Фулфорд, судијата Теодор Мерон, Дени Фридман, бароницата Хелена Кенеди и Елизабет Вилмшурст.

„Пред повеќе од четири месеци, обвинителот на Меѓународниот кривичен суд ме замоли да му помогнам во оценувањето на доказите за сомнителни воени злосторства и злосторства против човештвото во Израел и Газа. Се согласив и се приклучив на панел од меѓународни правни експерти да ја преземам оваа задача“, вели Клуни во нејзината изјава објавена од Фондацијата Клуни.

Таа истакна дека комисијата има „различно лично потекло“, но сепак „едногласно утврди дека Судот има јурисдикција над злосторствата извршени во Палестина и од палестински државјани“.

„Едногласно заклучуваме дека има разумни основи да веруваме дека лидерите на Хамас Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и земање заложници, убиства и злосторства на сексуално насилство. Едногласно заклучуваме дека има разумни основа да се верува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и гладување како метод на војување, убиства, прогон и истребување“, се вели во соопштението.

Во написот се нагласува дека одлуката нема никаква врска со „причините за конфликтот“ и се фокусира на примената на хуманитарното право во борбите.

Претходно во понеделникот, американскиот претседател Џо Бајден остро ја критикуваше одлуката на МКС да бара налог за апсење на Нетанјаху и други израелски претставници, додека државниот секретар Антони Блинкен го нарече чекорот „срамен“.