Амбасадорот на Русија Баздникин: Ќе стигнат 200.000 вакцини „Спутник“, ама не го знам датумот

Амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин, не го знае датумот кога ќе пристигнат останатите вакцини Спутник во земјава, но е убеден дека вакцинацијата на македонските граѓани ќе оди непречено и Договорот потпишан од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство ќе биде испочитуван.

Баздникин при денешната посета на Штип посочи дека договорот е потпишан во март и дека во земјава веќе се испорачани 6.000 дози.

– Договорот предвидува снабдување со 200.000 дози на вакцината против коронавирусот Спутник. Оваа количина која е потребна за вакцинирање на 100.000 граѓани. До денес испорачани се 6.000 дози, 3.000 од секоја компонента. Во моментов се работи за испораката на останатите количини на препаратот. Сакам да ви кажам дека руската страна доследно ќе ги исполнува своите обврски од договорот и да обезбеди испорака на вакцините во вашата земја – вели Баздникин.

Рускиот амбасадор истакна дека вакцината Спутник е апсолутно безбедна, нејзината ефикасност е повеќе од 90 отсто, а за спречување на компликации од коронавирусот е 100 отсто.