Амбасадорското место во ОН, тема на препукувања меѓу Милошоски и Фрчкоски

Милошоски втор ден остро се спротивставува на владина одлука токму Фрчкоски, кој претходно не доби агреман од Вашингтон за амбасадорска позиција таму, сега да помине во Собранието како предлог за Њујорк.

Може ли собраниската Комисија за надворешна политика и нејзиниот претседател, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски да застане на патот универзитетскиот професор и екс министер, Љубомир Фрчкоски да стане нов македонски амбасадор во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

Милошоски втор ден не одговара на барањето за изјава и објаснување зошто е во застој собраниската процедура за новите амбасадори меѓу кои и Фрчкоски. Но, преку Фејсбук порача дека остро ќе се спротивстави на одлуката токму Фрчкоски, кој претходно не доби агреман од Вашингтон за амбасадорска позиција таму, сега да помине во Собранието како предлог за Њујорк. Милошоски вели кога владата и МНР носат лоши решенија за угледот на македонската дипломатија, тогаш должност на Собранието е да биде коректив на извршната власт.

„Затоа, согласно Деловникот, како претседател на Комисијата за надворешна политика, ќе вложам максимални напори во Њујорк да не дозволиме да не’ претставува амбасадор кој бил оценет за непожелен од страна на САД, како земја домаќин на ООН“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Фрчкоски без коментар за најавите од Милошоски за блокада, но сепак истакнува дека назначувањето на амбасадор е во надлежност на претседателот на државата, а собраниската Комисија е факултативна а и без неа се може.

„Мислам дека претседателот треба да си ги преземе уставните и законските надлежности поврзани со неговата улога во надворешната политика на земјата, а со тоа и околу амбасадорите“, вели Фрчкоски.

Од кабинетот на претседателот Пендаровски велат :

„Изнесувањето на тезите на новонаименуваните амбасадори пред членовите на Комисијата за надворешна политика, иако не беше законска обврска беше редовна практика, со цел и пратениците и јавноста да бидат запознаени со нивните планови за работа.Од тие причини не треба да се кочи работата на Комисијата за надворешна политика“, велат за Канал 5 од Вила Водно.

Инаку, за разлика од државите, во меѓународните организации за амбасадорска позиција не се потребни агремани, па веќе е извесно дека Фрчкоски откако ќе ги заврши процедурите во земјава, ќе замине во Њујорк.