Американка ги урна сите рекорди – боледува од коронавирус веќе 335 дена

Една Американка ги урна сите рекорди на Ковид-19, боледувајќи од коронавирус 335 дена. Ова е најдолгото времетраење на болеста регистрирано во светот, пишува списанието „Сајнс“ (Science).

Жената (47) била хоспитализирана во пролетта 2020 година. По неколку недели поминати во болница, таа била пуштена на домашно лекување. Дома морала да користи дополнителен апарат за кислород.

Сепак, нејзините последователни тестови за коронавирус продолжиле да покажуваат позитивен резултат. Првично, лекарите претпоставувале дека тоа се само резидуални честички од вирусот. Набргу потоа, сепак, еден од тестовите јасно покажал дека нивото на вирусот кај пациентката е зголемено.

Истражувачите ги споредиле резултатите на Американката кои се покажале дека се идентични со оние од почетокот на нејзината болест. Така утврдиле дека пациентката не се заразила повторно, туку едноставно не оздравела. Покрај тоа, жената во тој период не излегувала од својот дом и немала контакт со надворешни лица.

Три години пред Ковид-19, Американката била излечена од рак, кој го ослабнал нејзиниот имунолошки систем. Според научниците, тоа било причината за должината на болеста.