Првите американски маринци се вратија во јужната авганистанска покраина Хелманд чијшто дел контролираат борците на радикално исламистичко движење Талибан, од каде што американските трупи се повлекоа во 2014 година неуспевајќи да му се спротистават на талибанскиот бунт.
Првите триесетина американски маринци, од вкупно 300 колку што ќе бидат распоредени постапно, пристигнале последните денови, истакнале воени извори за агенцијата AFP.
Оваа борбена група зазема позиции во моментот кога талибаните го објавија почетокот на нивната вообичаена пролетна офанзива, охрабрени од неодамнешните територијални освојувања во неколку авганистански покраини.
Свеченоста со присуството на генералот Џон Николсон, командант на американските сили во Авганистан, требаше да го одбележи враќањето на американската единица на елитните маринци којашто доживеа значителни загуби во борбите во немирната покраина Хелманд.
Портпаролот на талибаните, Забиула Муџахид, кој го објави почетокот на ткн „пролетна офанзива“, во соопштението се пофали дека движењето „контролира“ повеќе од половината од територијата на Авганистан.
Тој се повика на извештајот на специјалниот инспектор на американската администрација за обнова на Авганистан од февруари годинава. Имено, во неговиот извештај беше наведено дека „авганистанската влада имала под контрола или влијание на само 52 отсто од 407 окрузи минатата (2016) година, што е намалување од 63,4 отсто една година претходно“.
Испраќањето на единицата се одвива во рамките на вообичаената ротација на американската војска којашто има 8.400 припадници распоредени под командата на НАТО во Авганистан, во прв ред како поддршка за авганистанските сили против исламистичките групации, а уште најмалку илјада се распоредени за обезбедување на американските објекти и дипломатски мисии во оваа земја.
Меѓутоа, 2.150 американски војници водат специјални борбени мисии против групите кои се означени како терористички.