Двајцата војници убиени во Сирија во петокот биле Американец и Британец, потврдија воени извори на двете земји.
Експлозијата во којашто се ренети уште пет припадници на меѓународната коалиција предводена од САД, се случила во близина на северниот град Манбиџ, потврдил американски воен извор. „Случајот сѐ уште се истражува, па прерано е да се објави виновникот“, додал. Британското министерство за одбрана објави дека убиениот Британец бил припадник на нивните вооружени сили во Сирија.
Командата на коалицијата предводена од САД претходно објави дека двајца нејзини припадници се убиени со импровизирана експлозивна направа во 21 часот по локално време во четвртокот, но не откри каде инцидентот се случил, ниту од која националност се убиените и ранетите. Ова, инаку, е првпат оваа коалиција да објави свои загуби во сирискиот конфликт.
Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), чиешто седиште е во Лондон, објави дека инцидентот се случил во Манбиџ, град на периферијата на североисточната покраина Алепо, кој силите на сириските Курди го заземаа по повлекувањето на Исламската држава во 2016 година.
Опсерваторијата пренесе и дека ранети се девет лица. Четворица од повредените се припадници на Воениот совет на Манбиџ кој го предводат Курдите. Нападот се случил една седмица откако челникот на овој Совет, Шерван Дарвиш, избегна атентат во истата област, истакна директорот на SOHR, Рахман Абделрахман. Курдски извори, пак, тврдат дека повредите на Дарвиш не се опасни по животот.
Манбиџ го контролираат курдските милиции кои ја имаат поддршката од САД, но Турција ги смета за терористичка организација, а курдските Единици за заштита на народот (YPG) за сириско крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK). Анкара против овие сили води воена операција за да ги потисне од својата граница со Сирија.
И САД имаат свои војници, од најмалку двете илјади распоредени во Сирија, каде што ги обучуваат курдските борци коишто ги снабдува со оружје и логистика во борба против џихадистичката Исламска држава, но Турција порача дека оваа организација веќе е поразена и бара заминување од областа на курдските сили. Анкара по освојувањето на северниот регион Африн од курдските милиции, за закани дека ќе го нападне и Манбиџ, па повторно се создадоа стравувањата од можен непосакуван судир меѓу турските и американските војски, на двете земји сојузнички во НАТО.