Американски војници нема да учествуваат во турската операција во северна Сирија

Белата куќа соопшти дека американски војници нема да учествуваат во турската операција во северна Сирија и нема да бидат стационирани во близина на областа каде што ќе се спроведува операцијата.

Портпаролката на Белата куќа Стефани Гришам изјави дека американски војници нема да поддржуваат, ниту да учествуваат во операцијата и повеќе нема да се наоѓаат во областа каде што ќе се спроведува.

Изјавата на Белата куќа дека Турција наскоро ќе нападне во северна Сирија предизвикува неизвесност за судбината на курдските борци, сојузници на САД во кампањата против групата Исламска држава, коментираат светските агенции.

Гришам рече дека по телефонски разговор меѓу претседателите Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган, Турција ќе сноси одговорност за сите борци на Исламска држава уапсени во северна Сирија во последните две години и задржани од курдските сили.

Курдските сили го презедоа поголемиот товар на копнената офанзива против Исламска држава, додека турската Влада ги смета за терористи, потсетуваат агенциите.