Американскиот амбасадор во Косово се сретна и со Иса Мустафа

По средбата со лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, чија партија победи на неделните вонредни парламентарни избори, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Филип Коснет, денеска се сретна и со Иса Мустафа, лидер на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), партија која е втора според брјот на освоени гласови на изборите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на ЛДК, на средбата во седиштето на партијата, на која присутвувале и носителската на листата и кандидатка на ЛДК за премиерка Вјоса Османи и други челнови на партиското раководство, станало збор за изборниот процес, предизвиците на идната влада на Косово, дијалогот со Србија и други теми.

– Претседателот Мустафа изрази посебно признание и благодарност за постојаната поддршка што САД ја даваат на Косово. Амбасадорот Коснет изрази задоволство поради добриот тек на изборниот процес и високата излезност на гласање, како и поради фактот дека имаше голема посветеност на темите кои ги засегаат гласачите. Тој рече дека очекува посветеност на борбата против корупцијата, на економијата и на дијалогот со Србија во правец на постигнување сеопфатен договор кој би донел стабилност и опстоен мир во регионот, се вели во соопштението.

Партиите кои досега беа во опозиција, ВВ и ЛДК, излегоа победници на неделните вонредни парламентарни избори, со освоени 25,48 (ВВ) и 24,82 (ЛДК) отсто од гласовите и се очекува да постигнат договор за заедно да ја формираат идната влада.