Американскиот БДП скокна во вториот квартал најсилно за речиси четири години

Американската економија во второто тримесечје од годинава пораснала за 4,1 отсто на годишно ниво, што е нејзин најбрз раст од третиот квартал во 2014 година, покажаа во петокот објавените прелиминарни процени на американското министерство за економија.

Растот на најголемата светска економија во вториот квартал од 2018 година поизразено забрзал на годишно ниво, имајќи предвид дека во првото тримесечје растот изнесуваше ревидирани 2,2 отсто, покажуваат податоците на министерството за економија на САД. Прелиминарниот податок за првиот квартал покажуваше раст од два отсто.

Најголема поткрепа на растот на американскиот бруто домашен производ (БДП) му дала личната потрошувачка, неговата главна компонента. Во второто тримесечје личната потрошувачка силно забрзала, пораснувајќи за 4 отсто, по слабите 0,5 отсто во претходниот квартал.

Личната потрошувачка, пак, ја поддржале пониските даноци и робусниот пазар на трудот, кој во првите шест месеци од 2018 година во просек отворал 215.000 работни места, истакнува Reuters. Трговијата, исто така, дала позитивен придонес во БДП-то, од 1,06 процентни поени, откако во првите три месеци од годинава нејзиното влијание било неутрално.

Испораките на сојата и другите стоки, со коишто се брзало за да се избегнат противмерките на американските царини пред стапувањето на сила на почетокот од јули, силно го поткрепиле американскиот извоз во вториот квартал. Извозот растел по највисоката стапка од четвртото тримесечје во 2013 година, резултирајќи со остро намалување на трговскиот дефицит на САД во размената со остатокот од светот. Последица од тоа се намалување на резервите, коишто, пак, на стапката на раст на БДП-то му одземале цел процентен поен, а дополнителен товар била и подзабавената потрошувачка на компаниите на опрема, според истиот извештај.