Екстремниот топлотен бран, кој веќе постави нови температурни рекорди ширум американскиот југозапад, во петокот тамошните енергетски системи ги доведе на работ на функционирањето, бидејќи населението масовно ги користи уредите да се разлади.
Калифорниските мрежни оператори досега успеваа да ја задоволат побарувачката, но во петокот издадоа најново предупредување, барајќи од населението ширум оваа сојузна држава да ја штедат електричната енергија во доцните попладневни и вечерни часови, кога побарувачката скока.
Националната метеоролшка служба издаде предупредудвање за екстремни горештини во пет сојузни држави: Калифорнија, Невада, Јута, Аризона и за делови од Колорадо, наведувајќи дека температурите, коишто растат значително над 38 Целзиусови степени, може да бидат опасни. Температурните рекорди веќе се регистрирани во Солт Лејк Сити, Палм Спрингс и на други места.
Енергетските системи во Тексас и во Калифорнија досега успеваа да ја задоволат потрошувачката, но тамошните оператори ги предупредија граѓаните дека доколку не ја штедат струјата, можни се исклучувања за да се одржи во функција системот.
Во Тексас температурите малку опаднале, а побарувачката за струја кулминирала во понеделникот. Во Калифорнија, пак, во четвртокот побарувачката достигнала 41.364 мегавати, а се очекуваше дека во петокот ќе ја надмине таа бројка, со процена дека еден мегават струја по вака топол ден е доволен за 200 домаќинства.
Падот на горештините и температурите се очекува на почетокот од следната седмица.