Најголемите американски авиокомпании и туристички компании побараа од Белата куќа да го укине задолжителното тестирање за Ковид-19 за вакцинирани патници во меѓународниот сообраќај што влегуваат во САД.
– Со оглед на бавното закрепнување во секторот за деловни и меѓународни патувања, како и во светлината на новите медицински откритија и подобрената слика за јавното здравје во Соединетите Држави, би сакале да ве охрабриме веднаш да ја укинете обврската за тестирање вакцинирани патници во авионите, се вели во писмото потпишано од American Airlines, Carnival Corp, Marriott International, Disney Parks на Walt Disney, Американската стопанска комора, Американската асоцијација за патувања и други компании.
Раководството на авиокомпаниите тврдат дека многу Американци се откажуваат од патување во странство, бидејќи стравуваат дека тестот за ковид може да биде позитивен кога ќе се вратат, па нема да можат да се вратат во земјата.
Во писмото до координаторот за коронавирус во Белата куќа, Ашиш Џау, се вели дека трошоците за одржување на мерката ќе бидат многу високи, додавајќи дека трошоците во секторот за меѓународни патувања паднале за 78 отсто од 2019 година.