Прашањето на размената на американската кошарка Бритни Грејнер која очекуваше конечна пресуда во Русија, за рускиот претприемач Виктор Бут осуден на долга затворска казна во САД, било оптоварено со неопходноста од постигнување сложени политички компромиси на американската страна, пишува во саботата весникот The Washington Post повикувајќи се на неименувани извори во американската влада.
Виктор Бут отслужуваше 25-годишна затворска казна во САД, каде е опишан како најголемиот светски трговец со оружје и веројатно соработник на руските разузнавачки служби, под обвинение за учество во заговор за убиства на американски државјани и материјална поддршка на тероризам со продажба на оружје на организирана криминална група. Во четвртокот тој беше ослободен од американскиот затвор по речиси одлежани 15 години, и по ослободувањето повторно ги негираше сите обвинувања.
Бритни Грејнер беше уапсена на Московскиот аеродром на 17-ти февруари по враќањето од САД, наводно со масло од хашишс чие поседување во Русија е забрането и казниво. Грејнер беше во притвор од средината на февруари под обвинение за внесување дроги во Русија, откако наркотиците се пронајдени во нејзиниот рачен багаж со „течна супстанција со специфичен мирис“ на московскиот аеродром откако допатувала од Њујорк. Експертизата покажала дека станува збор за масло од хашиш, според рускиот Истражен комитет за ова дело ѝ се закануваа до десет години затвор.
Како што тврдат сега изворите на The Washington Post, сегашни и поранешни функционери на американското Министерство за правда, многу лица во овој ресор се спротиставиле на идејата за размената на Бут за Грејнер.
„Доколку таа ми беше роднина, би одел на размена. Меѓутоа, размената на познат меѓународен трговец со оружје за кошаркарка е безумие“, го цитира весникот еден од своите соговорници.
Најболниот аспект за САД од договорот за размена, според друг соговорник на весникот, била одбивањето на Русија во договорот да го вклучи и Пол Вилан, ветеран маринец кој отслужува затворска казна за шпионажа. Неговиот случај датира од 2018 година, кога е уапсен во операција на руското разузнавање насочена против странски шпиони. Беше обвинет за шпионажа и осуден на 16 години затвор во ткн казнена колонија, односно работен затвор. Неговиот татко повеќепати престојуваше во Москва и тврдеше дека тој допатувал во Русија за да присуствува на некоја свадба. Американецот не се жалеше и во моментов ја отслужува казната во Мордовија надевајќи се на размена на шпиони меѓу Вашингтон и Москва, што досега не се оствари.
Како што пишува The Washington Post последните неколку месеци претставници на американскиот Стејт департмент се залагале за размена на Бут за Вилна. Москва, според изворите на весникот, одбила таков договор, барајќи во тој случај во размената да биде вклучен и „Русинот Вадим Красиков“, кој наводно во минатото работел за руските разузнавачки служби. Но властите во Германија, каде што според весникот извесниот Красиков е во затвор, јасно ставиле до знаење дека неговото ослободување би претставувало „несреќна одлука“. Всушност станува збор за рускиот државјанин Вадим Соколов, но според германската истрга неговото вистинско име е Вадим Красиков.
Според високо позиционирани функционери, пишува натаму The Washington Post, разногласијата се манифестирале и на личен план и меѓу претставниците на американската администрација, „одразувајќи се со вообичаените бирократски доцнења“.