Министерството за одбрана на САД не гледа индикации дека армијата на Белорусија се вклучува или се подготвува за ангажман во воените дејствија во Украина.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, пред медиумите уште рече дека американското разузнавање не поседува ниту индикации дека руската армија прераспоредува воени засилувања. Според него, на границата со Украина руската армија уште од есента распоредила околу 150 илјади војници од кои повеќето сега се ангажирани во воените дејствија во Украина.
-Руските сили како да го загубија моментумот, но тоа не значи дека немаат сила на располагање. Сепак, и Украинците се уште располагаат со доста од своите борбени капацитети, рече портпаролот на Пентагон.
Кирби оцена дека рускиот претседател Владимир Путин се уште има опции на располагање за да се спречи најлошото сценарио.
-Тој се уште може да избере согласност за прекин на огнот. Тој се уште може да ги повлече своите трупи. Тој може да придонесе за деескалација на состојбите, рече Кирби.
Истовремено изрази уверување дека иднината на Украина треба да зависи од украинскиот народ што, како што рече, прилично јасно го демонстрира со отпорот што го дава на неиспровоцираната и незаконската инвазија.