Американското разузнавање смета дека коронавирусот не е создаден вештачки

Новиот тип коронавирус не бил создаден во лабораторија и не е генетски модифициран, заклучила американската разузнавачка заедница, се вели во соопштението објавено во четвртокот од канцеларијата на директорот на Нациналното разузнавање на САД, истовремено кога Пекинг одговори на заканите од Вашингтон кој ја обвинува Кина дека прикривала значајни информации за вирусот и продонела за избувнувањето на пандемијата.

„Разузнавачката заедница е согласна со широкиот научен консензус дека вирусот (кој ја предизвикува болеста) Covid-19 не бил создаден од човек или е генетски модифициран“, се вели во соопштението.

„Разузнавачката заедница ќе продолжи внимателно да ги проучува информациите кои се појавуваат и разузнавачките податоци со цел да се утврди дали епидемијата започнала преку контакт со заразени животни или тоа е резултат на несреќа во лабораторијата во Вухан“, се додава во соопштението.

Неодамнешан анкета на институт Pew Research покажува дека 29 отсто од Американците мислат дека коронавирусот е создаден во лабораторија, од кои 23 отсто сметале дека тоа било свесно направено а 6 отсто дека било случајно.

 

Институтот за вирологија во Вухан уште во февруари ги отфрли шпекулациите дека вирусот настанал во една од неговите лаборатории.

Јуанг Џиминг, директор на Институтот за вирологија во Вухан, градот во централна Кина првото жариште на епидемијата на новиот коронавирус, ги негираше пред десет дена тврдењата на дел од американските медиуми дека токму таа лабораторија е можен извор на заразата.

„Невозможно е тој вирус да дошол од нас. Јасно знаеме кои видови истражувања се спроведуваат во Институтот и како се управува со вируси и примероци“, изјави Јуанг во интервју за државната телевизија.

Институот има една лабораторија P4 каде се чуваат примероци од најопасните вируси кои се пренесуваат од човек на човек, како што е еболата, која, според директорот, е под најстрого обезбедување.

Американската телевизиска мрежа Fox News објави на 15-ти април дека вирусот потекнува од лабораторија во Вухан, но не како биолошко оружје, туку за Кина да им покаже на САД дека имаат исти или подобри способности за идентификување на вирусите и борбата против нив. Овој извештај, како и некои претходни, алудираат дека поради ниските безбедносни стандарди во лабораторијата во Вухан некој се заразил и се појавил на нелегалниот пазар за диви животни од каде вирусот почнал да се шири.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им наложи на разузнавачките служби да истражат дали Кина и Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во почетокот прикривале некои информации за новиот тип коронавирус, објави во средата телевизиската мрежа NBC News. Според нега, оваа инструкција им била дадена минатата седмица на Агенцијата за национална безбедност (NSA), Агенцијата за разузнавање при Министерството за обрана (DIA) и Централната разузнавачка агенција (CIA).

Во средата американскиот државен секретар Мајк Помпео повторно тврдеше дека кинеските власти се обиделе да сокријат некои информации за ширењето на коронавирусот и оти затоа ќе понесат одговорност.

Малку подоцна во средата заменикот на кинескиот министер за надворепшни работи, Ле Јукенг, во интервјуто за телевизијата NBC рече дека сите барања за исплата на компензација евентуално упатени до Пекинг во врска со коронавирусот се смешни и претставуваат „политичка фарса“. Ле, исто така, изрази жалење што „некои политичари ја користат ситуацијата со вирусот за да ја клеветат Кина“. Истовремено повтори дека Пекинг „не криел никакви информации“ за коронавирусот.

Американскиот претседател Трамп во интервјуто за агенцијата Reuters, истакна дека Пекинг „ќе стори сѐ“ за да оневозможи тој повторно да победи на ноемвриските претседатекски избори и рече дека разгледува различни опции, кога станува збор за одговорноста на Кина за пандемијата на коронавирусот. „Има многу нешта кои можам да ги сторам“, рече Трамп без да навлегува во поединости.

Во понеделникот Трамп тврдеше дека Кина можела да го спречи ширењето на коронавирусот пред да се прошири низ светот и рече дека неговата администрација спроведува сериозни истраги за да дознае што навистина се случило. САД го заземаа првото место според бројот на заразените – 1.056.811 и на починатите – 61.190 лица од короанвирусот во светот.

„САД мора да сфатат дека нивниот непријател е вирусот а не Кина… Што е однесува на прашањето на одговорноста, веќе неколкупати рековме дека вирусот е заеднички непријател на целото човештво. Кина, исто така, е земја којашто е погодена, а не ‘соучесник на вирусот“, изјави во четвртокот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

Додде дека во справувањето со актуелната јавноздравствена криза меѓународната заедница мора да се обедини и заеднички да го надмине проблемот.