Американската Централна разузнавачка агенција (CIA) не би сакала и не би можела да нарача директен атентат врз Владимир Путин како што тоа го направи со Осама Бин Ладен и други личности од три причини, пишува за The New York Post , Ребека Кофлер, поранешна разузнавачка која специјализирала во врска со Русија.
Прво Кофлер вели дека тоа е спротивно на Уставот на САД, второ, атентатот би било многу тешко да се изведе поради заштитата која Путин ја ужива и трето, вели таа, тој се подготвувал за сценарио за атентат многу добро и многу долго време.
Во однос на Осама Бин Ладен разузнавачката вели дека убиството било можно., бидејќи тој бил сметан за непосредна закана за САД.
„Прво, Уставот на САД забранува употреба на смртоносна сила надвор од зоните на вооружени конфликти, освен ако не се користи против поединец кој претставува конкретна, непосредна закана од сериозна штета за Соединетите држави и учествува во непријателства против татковината – и само како последно средство. Путин не го исполнува ова барање“, вели Кофлер.
Во продолжение ги спомнува случаите на Фидел Кастро кој 235 пати бил цел на CIA, доминиканскиот диктатор Рафаел Трухило. Агенцијата користела смртоносни вируси, експлозивни пури и други тактики од типот на шпионски трилер.
„Околу 1954 година, CIA имаше 58 имиња на својата ‘А’ листа на оние што требаше да бидат убиени, како дел од нејзината тајна програма од 2,7 милиони долари со кодно име PBSUCCESS , чија цел беше соборување на гватемалскиот претседател Јакобо Арбенц. Но, по извршната наредба на претседателот Џералд Форд од 1976 година, која забрани политички убиства од страна на вработени во американската влада, агенцијата во голема мера се извлече од оваа валкана работа. Една година претходно, извештајот на 89 страници насловен како ‘Резиме на фактите – истрага за вмешаноста на CIA во плановите за атентат на странски лидери беше отстранет од Националниот архив’“, пишува разузнавачката.
Во однос на тоа колку добро Путин го чуваат, Кофлер потсетува на Росгвардија, специјален огранок кој се состои од елитни војници со децениска служба во безбедноста и контраразузнавањето, предводен од Виктор Золотов, блискиот сојузник на Путин и колега поранешен оперативец на советската тајна служба КГБ.
На Кофлер и на нејзин колега разузнавач им била дадена вежба да анализираат што би се случило во случај Путин да биде нападнат од агенти на CIA.
„Јас и мојот колега оценивме дека Путин ќе се обиде да побегне, наместо да се самоубие или капитулира. Шпионскиот господар веројатно развил повеќе сценарија за неговото бегство и ако планот А не функционира, тој би го извршил планот Б, а потоа планот Ц“, вели таа.
„Врз основа на неговиот психолошки профил , Путин најверојатно ќе возврати, наместо да се откаже. Неговата хипердоверба и ароганција го предодредуваат да верува дека може да надмудри секого. Доколку животот му бил во опасност, веројатно на лице место би можел да дојде до решение за кое никој досега не размислувал“, објаснува Кофлер.