Амнестија дава Собранието а Претседателот дава аболиција, која за „Титаник“ дадена во 2016-та

Еленко Миланов, адвокатот на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и на поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, обвинети во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во понеделникот во гостувањето во емисијата „Отворено“ на телевизија Алфа, појасни дека амнестијата ја дава Собранието, додека шефот на државата дава аболиција, и потсети дека за споменатиот случај аболицјата е дадена уште во 2016 година.

„Прво и основно ако одиме по соопштението од кабинетот на претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов, воопшто ниту имало средба којашто била во насока на каков и да е разговор за амнестија, уште помалку тоа било со некаков си посредник на господинот Миле Јанакиевски или Кирил Божиновски“, рече Миланов.

Посочи дека ниту неговиот клиент не оспорува дека таква средба се случила, но оти на неа не било воопшто споменато прашањето на амнестија. Миланов притоа истакна дека правно е неосновано мерката притвор да се одреди само поради тоа што во службената белечшка на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), на којашто се повикуваше судот.

„Ако го следиме тоа соопштение, не се спори, што не го спори ниту Миле Јанакиески, дека тој остварил средба со Претседателот на државата, но во врска со актуелната политичка ситуација во државата, а не за некаква амнестија. Правно е многу погрешно да воопшто тоа што стои во службената белешка да се бара амнестија, затоа што амнестија дава Собранието, не Претседателот, тој и не е надлежен да дава амнестија, тој може да даде аболиција. Аболицијата за конкретниот случај ’Титаник’ е дадена уште во април/ мај 2016 година, што значи тоа е право кое веќе е стекнато и што има сега повторно да бара во таа насока, а дури и да постави ново барање за аболиција, тоа не укажува на бекство“, посочи Миланов.