Автомото сојузот на Македонија соопшти дека се во прекин локални патишта во Крива Паланка поради излевање на Крива Река, а на граничниот премин Богородица за излез од државата се чека 30 минути.
„Поради излевање на Крива Река, во прекин ќе бидат локалните патишта од Крива Паланка кон селата Варовиште и Градец. Во кумановското село Пчиња има собрани дрвја и гранки под мостот на реката Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот“, информира АМСМ.
Поради обилни врнежи дожд и излевање на река кај село Раец сообраќајот на патот А1 Градско-Прилеп е во целосен прекин.
Сообраќајот на останатите државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
„На граничниот премин Богородица има зголемена фреквенција и чекањето за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.