Анџелина Џоли ќе ја игра славната оперска дива Марија Калас

Анџелина Џоли ќе ја игра оперската дива Марија Калас во биографскиот филм Марија во режија на Пабло Ларин, пренесува Word of Reel.

Филмот ќе ги следи бурните и трагични настани при крајот на животот на славната оперска певица, а заплетот ќе биде сместен во Париз во 70-тите.

Марија Калас (2 декември 1923, Њујорк – 16 септември 1977, Париз) беше американско-грчки сопран, една од најпопуларните и најконтроверзните оперски певици на сите времиња. Својот успех го должи на неверојатните гласовни можности, моделирани по најсуштествените принципи на белкантото, но и на исклучителните интерпретациски и уметнички способности со кои доминира на сцената. Нејзиниот репертоар се протегал од улоги од драмскиот Вагнеров фах, преку комплексните ликови на хероините од оперите на Џузепе Верди и Џакомо Пучини, па сѐ до исклучителните колоратурни партии од композиторите на белкантото, Винченцо Белини и Гаетано Доницети, чии неколку опери самата лично ги „ископува од правта“ на театарските архиви и ги вцврстува во стандарниот оперски репертоар.

Исклучително екцентрична личност, полна со испади и скандали; врската со Аристотел Оназис, како и можното соперништво со Рената Тебалди, придонесува медиумите сето тоа да го пренагласат и да влијаат врз текот на нејзиниот живот. Сепак, денеска таа претставува синоним за оперска дива, име кое има оставено неизбришлива трага врз оперската уметност. Во 2013 година, во октомвриското издание на списанието Classic Voice, по повод одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на Верди, во анкетата спроведена на сто најголеми оперски имиња, Калас била убедливо прогласена за најдобар изведувач на оперите на Верди. Имено, во анкетата со која биле опфатени сто најголеми оперски имиња во светот, Калас била убедливо прва, со далеку најголем број гласови пред второпласираниот Пјеро Капучили и третопласираната Рената Тебалди.

Ова ќе биде трет биографски филм во режија на Пабло Ларен, по Spencer со Кристен Стјуарт во главната улога и Jackie со Натали Портман во главната улога. И двете актерки беа номинирани за Оскар за нивните улоги. Сценариото за филмот го напиша Стивен Најт, кој е познат по филмовите Spencer и Eastern Promises, и серијата Peaky Blinders.

Снимањето на филмот треба да започне во октомври оваа година, а според Budapest Reporter, снимањето ќе се одвива во Будимпешта, каде Џоли пред 13 години го режираше филмот In the Land of Blood and Honey.

Последните филмски улоги на Џоли беа во Those Who Wish Me Dead и Eternals во 2021 година.