Анѓушев: Остануваме посветени на евроатлантските интеграции во насока на стабилност и побрз економски раст

Владата останува посветена на реформите поврзани со датумот за отворањето на преговори за членство со Европската Унија и покрај неодамнешната одлука на ЕУ, како и на членството во НАТО, пред се за обезбедување на владеењето на правото, стабилноста и економскиот развој на земјата и подобар живот на граѓаните, изјави денеска заменик премиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, кој учествуваше на панелот „Југоисточна Европа, предизвици и перспективи“, во рамките на Самитот што се одржа во Солун.

– Република Северна Македонија ги направи сите потребни чекори за добивање на датум за отворање на преговорите, сепак ЕУ донесе одлука која е делумно разочарувачка, а е поврзана со процеси кои се случуваат во самата Унија. Ние остануваме посветени кон евроатлантските интеграции за кои сметаме дека носат стабилност и просперитет. Членството во НАТО е веќе извесно и се надеваме дека ќе биде овозможено на почетокот на 2020 година, кога очекуваме Парламентот во Кралството Шпанија да го ратификува протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Според него, како што  соопшти Кабинетот на заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, во насока на побрз регионален развој, потребна е целосна посветеност и вклученост, особено во европските интеграции на сите земји од регионот.

Анѓушев оценил дека договорите на Република Северна Македонија со Грција и Бугарија претставуваат добар пример на надминување на отворените билатерални прашања и воедно позитивно делуваат на економската соработка.

– Економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, како и со Република Бугарија, изразена преку трговската размена, бележи позитивни резултати, особено во првата година по потпишување на договорите со овие две земји. Како резултат на овие договори трговската размена со Грција во 2018 година се зголеми за над 20 отсто, додека со Бугарија за над 15 проценти, а одреден пораст на соработката е забележан и во 2019 година. Зајакнувањето на политичката соработка, носи и економски бенефити за регионот, истакнал вицепремиерот Анѓушев. с