Релабансот на буџетот е одговор на кризата, но потребна е поголема консолидација на тековните трошења за да не влијае проинфлаторно, оценува „Фајненс тинк“ и апелира потребата од средства во овој буџет од околу 900 милиони евра, од кои околу 700 милиони евра тековен дефицит, да се задоволат доминантно од странски извори, со цел поголема поддршка на девизните резерви, примарно од концесионални кредитори.
Според „Фајненс Тинк“, ревидираните макроекономски проекции во ребалансот, 3,2 отсто раст на БДП за 2022 година и 7,2 процента раст на трошоците за живот (инфлација), се оптимистички.
– Проектираната стапка на раст е на горната граница со значајни изгледи да биде пониска, додека проектираната стапка на инфлацијата е на долната граница со значајни изгледи да биде повисока. Во номинална смисла, земјаќи ги заедно реалниот раст на БДП и растот на цените што е основа за проценка на буџетските приходи, проекцијата за нивен раст во моментов е коректна и главно се должи на порастот на цените кој придонесува најмногу за раст на приходите од ДДВ. Ребалансот на Буџетот предвидува проширување на буџетскиот дефицит на 5,3 отсто од БДП, и во услови на дополнително забавување на растот на БДП, тој ќе биде надминат, анализира „Фајненс Тинк“, пренесува МИА.
Претходно, беше посочено дека ребалансот предвидува пораст на расходите за плати за 1,7 отсто, на стоките и услугите за 11,4 и на блок дотациите (кои содржат исплати на плати на општинско ниво) за 4,7 проценти, во однос на иницијалната проекција, а во однос на реализацијата од 2021 порастот е уште поголем. „Овие зголемувања, особено во делот на стоките и услугите, не ја одразуваат намерата за кратење на непотребни и непродуктивни расходи, и расходи кои може да се одложат, иако дел од зголемувањето е наменето за покривање на енергетските трошоци во јавниот сектор“, наведува „Фајненс Тинк“.
Особено загрижува порастот на расходите за субвенции и трансфери во износ од 40,5 отсто во однос на иницијалната проекција, од што значаен дел се оправдува со субвенционирањето на енергетската потрошувачка.
Во останатиот дел, растот на ставката субвенции и трансфери се должи на субвенционирањето на порастот на платите и на минималната плата во обем од 44 отсто во однос на иницијалната проекција, што во тековните околности може да поттикне дополнителен притисок врз цените од страна на потрошувачката, а на товар на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Во однос на порепораката потребата од околу 900 милиони евра да се задоволат доминантно од странски извори, „Фајненс Тинк“ потенцира дека тоа би имало две клучни цели: намалување на цената на задолжувањето во услови на затегнување на условите на приватните пазари, и прифаќање одреден надворешен механизам преку кој ќе се осигури натамошната консолидација на јавните финансии и ќе се контролира дополнувањето на ценовните притисоци кое Буџетот може да го изврши преку тековните трошења.